Friday, April 27, 2012

Смути од Капини


Потребни состојки:
- 4-5 портокали
- 1 банана
- 150гр капини (свежи или замрзнати)

Портокалите исцедете ги, и сокот изблендирајте го заедно со бананата и капините. Одлично!

* доволно за 2 лица, се припрема за 5-10 минути.

Thursday, April 26, 2012

Крем пудинг со Лимон


Потребни состојки:
- 3 јаболки
- 1 банана
- сок од 1 лимон
- мед


Сите состојки ставете ги во блендер (или електричен „сецко“), и изблендирајте ги додека не добиете еднаква кремаста смеса. Може да се јаде веднаш или малку разладена во фрижидер.

* доволно за 2 лица, се припрема за 5-10 минути.

Tuesday, April 24, 2012

Сладолед од Банана

Пред некој ден син ми сакаше да правиме нешто заедно. Не беше битно што, само сакаше да поминеме малку време заедно. Му предложив да направиме сладолед од банани! Беше воодушевен :) 

Ги подготвивме следниве состојки:
- 100гр бадеми (претходно киснети во вода) 
- 2 банани (замрзнати)
- 2 лажици мед 

Бадемите ги припремивме на сличен начин како што го правам млекото од бадеми. Само наместо 2 литри вода, за оваа рецепта ставивме само 200мл вода. Ова густо млеко од бадеми го изблендиравме заедно со бананите и медот. Синот ги додавше сите состојки во блендерот, чувствувајќи се голем и важен! Ја ставивме смесата во пластичен сад и во замрзнувач. 

По вечерата имаше прекрасен десерт!

* доволно за 2 лица, се припрема за 30 минути. 

Friday, April 20, 2012

Милкшејк од Јагоди

Наместо да купувате милкшејк од McDonalds, направете си го овој супер-здрав и супер-вкусен милкшејк дома! 

Потребни состојки: 
- 200мл млеко од бадеми 
- 100гр јагоди (свежи или замрзнати) 

Користете домашно млеко од бадеми (рецептата и начинот на припремање ќе ги најдете подолу). Количината на јагодите можете да ја зголемите или намалите по желба. Одличен енергетски пијалок!

* доволно за 1 лице, се припрема за 5 минути (ова не го вклучува времето за припремање на млекото од бадеми, за коешто е потребно отприлика 40 минути).

Friday, April 13, 2012

Млеко од Бадеми

Млекото од бадеми е едно од неколкуте видови на растителни млека. Освен бадеми, за овој тип на млеко може да користат и други јаткасти овошја или семки. 

Потребни состојки:
- 100гр бадеми 
- 2-3 лажици мед или 3-4 урми (по желба)
- 1 банана (по желба, му дава покремаст вкус)

Ставете ги бадемите да одстојат во вода преку ноќ а може и 24-48 часа (менувајте ја водата неколку пати за да биде свежа).

Потоа излупете ги (ова одзема 30-тина минути, па планирајте соодветно доколку сакате пијалокот да биде готов во одредено време). Излупените бадеми заедно со медот и/или урмите (излупени и без семки) ставете ги во блендер и додадете 0.5 литар вода. По желба може да ставите и една банана. Блендирајте додека не добиете еднаква течна маса. Потоа додадете уште 1.0-1.5 литар вода и блендирајте уште неколку минути... и млекото е готово - уживајте!

* доволно за 6-8 чаши, се припрема за 40 минути.


Wednesday, April 11, 2012

Житарки со Овошје

Здрав и енергетски доручек....

Потребни состојки:
- 100гр овесни снегулки
- 1-2 портокали
По желба (сите или комбинација од неколку):
- 2 лажици суво грозје
- 2 исецкани урми
- половина исецкана банана
- 1 лажичка мед
- 2 лажици кокос во прав
- или свежо овошје по избор!

Ставете ги овесните снегулки да отстојат во свежо исцеден сок од портокал, од 10-30 минути. Потоа, по желба, додадете ги останатите наведени состојки (дел од нив, или сите заедно)!

* доволно за 1 лице, се припрема за 30 минути.

Tuesday, April 3, 2012

Крем пудинг со Кокос

Ова е еден од наједноставните и најбрзите десерти.

Потребни состојки:
- 1 банана
- 3 лажици кокос во прав
- мед
- сок од 1/4 лимон

Убаво испасирајте ја бананата. Потоа додадете кокос во прав, 1 лажичка мед и сок од 1/4 лимон. Сето тоа измешајте го и оставете го да постои малку во фрижидер. Разладено е повкусно од било кој друг пудинг со вкус на лимон!

* доволно за 1 лице, се припрема за 5-10 минути.