И покрај популарното верување, кускусот е тестенина а не житарка. Иако наликува на многу ситен ориз, всушност е направен од гриз и пченично брашно обарено на пареа. Кускусот е една од основните состојки во кујните во Северна Африка и Средниот Исток, но денес се повеќе застапен и во западните земји, па дури и кај нас. Најчесто се приготвува во комбинација со зеленчук или месо, меѓутоа и како додаток во свежи салати.
Јас го користам во некои од моите преодни рецепти (или таканаречени полу-готвени или полу-живи) и е одличен за оние кои едноставно не можат без тестенини.
Потребни состојки за Кускусот:
- 250гр кускус
- 2 лажици маслиново масло
- малку хималајска сол
- 2-3 лажички путер
Кускусот може да го припремите според упатсвото на пакувањето, или на следниов начин: најпрво зовријте пола литар вода и тргнете ја од шпоретот. Во зовриената вода ставете го кускусот и останатите состојки (освен путерот). Поклопете го со капак и оставете го да отстои максимум 3 минути. Ова време е доволно кускусот да упие доволно вода и малку да набабри. Доколку има сеуште вода во тенџерето можете да ја исцедите (важно е да не се остави кускусот да стои долго во вода и да упие голема количина вода бидејќи ќе стане леплив и кашест). Додадете го путерот и со вилушка размешајте го низ целата количина кускус, обидувајќи се притоа да ги „растресете“ и одлепите малите зрнца едно од друго. Префрлете го кускусот во сад за сервирање.
Потребни состојки за Сосот:
- 3 домати
- 1 краставица
- 2 пиперки
- 1 кромид
- 3 лукчиња
- 2 лажици маслиново масло
- сок од пола лимон
- хималајска сол
- свежи и/или суви тревки и зачини по желба
Сите состојки ставете ги во блендер и блендирајте додека да ја добиете посакуваната текстура на сосот. Прелијте го кускусот со вака направениот сос.
Одозгора може да додадете уште еден ситно исецкан домат, сусам, конопово и ленено семе.
Уживајте!
* доволно за 4 лица, се припрема за 20 минути.
П.С. "Couscous" може да најдете во Тинекс, на полиците со ориз, леќа, грав, итн. Пакуван е во портокалова кутија од 500гр.
No comments:
Post a Comment