Friday, June 15, 2012

Торта со Двојно Чоколадо

Најновата рецепта на која што повторно и повторно се навраќам и со сласт ја уживам веќе 3 недели по ред... Идеална за оние што едноставно НЕ МОЖАТ БЕЗ ЧОКОЛАДО! :) 


Потребни состојки за Основата: 
- 2 чаши лешници 
- 4 лажици овесни снегулки 
- 15 урми (киснети десетина минути колку да омекнат) 
- 4 лажици ленено масло 
- 2 лажици какао 
- 4 лажици вода 

Најпрво лешниците се блендираат додека да станат прав. Потоа се додаваат останатите состојки и се блендира додека да се добие изедначена смеса. Смесата се става во сад и да постои во замрзнувач додека го припремате филот. 

Потребни состојки за Чоколадниот Фил: 
- 4 урми (киснети десетина минути и излупени) 
- 1 лажица таан 
- 2 лажици какао 
- 1 лажица мед 
- неколку лажици вода (по желба, со зависност каква густина сакате да добиете) 

Чоколадниот фил се премачкува врз основата и, доколку сте трпеливи, вака подготвената торта се остава малку да постои во фрижидер. Ќе се изненадите колку едно мало парче (отприлика колку половина парче од обична торта) ќе ви ја презадоволи потребата за благо и за чоколадо!!  

* доволно за 10 парчиња, се припрема за 30 минути. 

Saturday, June 9, 2012

Овесни Снегулки и Банана

За да ја разбиете монотонијата на безвкусните овесни снегулки, пробајте нешто вакво... 


Потребни состојки: 
- пулпа од 4 портокали и 2 цитрони (претходно исцедени за смути) 
- 4 лажици овесни снегулки 
- 2 лажици мед 
- 1 банана 

Пулпата од цитрусното овошје се меша со овесните снегулки и медот, и се остава малку да отстои за да може овесот да го поприми нивниот вкус. Бананата се сече на парчиња и се става најдолу во садот, а потоа се додава смесата со снегулките. Лесен доручек, или пак брз и едноставен десерт! 

* доволно за 2 лица, се припрема за 10 минути. 

Friday, June 8, 2012

Жолто-Зелено Смути


Потребни состојки: 
- 5 портокали 
- 1 банана 
- 1 јаболко 
- 15 листови спанаќ 

Најпрво исцедете ги портокалите. Изблендирајте половина од исцедениот сок со бананата, и ова жолто смути ставете го во чаши. Изблендирајте го остатокот од исцедениот сок со јаболкото и спанаќот. Со помош на косо поставена лажица веднаш над смутито што е веќе во чашите, полека сипувајте го зеленото смути. Шарите и формите секој пат излегуваат различно! :)  

Уживајте! 

* доволно за 2 лица, се припрема за 15 минути.

Tuesday, June 5, 2012

Кари Бургери

Одлични бургери за обожавателите на кари!


Потребни состојки:
- 0.5 чаша сушени домати (киснети десетина минути во топла вода) 
- 1.5 чаша сончоглед (киснет минимум 2 часа)
- 1 лажица кари во прав 
- 1 лажица маслиново масло 
- 2 лажици конопово семе 
- суви тревки и зачини по желба 
- сусам 

Сите состојки (освен сусамот) се блендираат заедно додека да се добие текстура на смесата по желба. Се прават топчиња кои потоа се сплескуваат како ќофтиња. Готовите бургери се валкаат во сусам. Може да се јадат веднаш или да одстојат извесно време во фрижидер, а вкусот им останува ист и наредниот ден (или неколку дена, доколку издржите толку долго да не ги изедете)! 

Гарнир: бургерите се ставени врз листови од спанаќ, и гарнирани со домати, маслинки и брокула попрскана со Таан Сос (1 лажица таан, сок од половина лимон, 1 мала лажичка мед, и 1 лукче - се се меша заедно и се додава вода по желба, во зависност каква густина сакате да има сосот). 

Уживајте! 

* доволно за 8 бургери, се подготвува за 30 минути.