Monday, August 13, 2012

„сурово & вкусно“ со сопствен домен!

Здраво на сите! Сакам да ве известам дека од пред неколку дена овој блог е целосно префлен на www.surovoivkusno.com 

За сите ваши омилени досегашни рецепти, како и за понатамошни нови рецепти и информации, одете на www.surovoivkusno.com  - најновата рецепта за Гранола Коцкички е веќе таму! :) 

Гооолем поздрав, и уште поголема благодарност за вашата посетеност! 
Ана 

Monday, August 6, 2012

Милкшејк со Goji Berries (Волчји Бобинки)

Еве еден супер-милкшејк со „суперхраната“ Гоџи! 



Потребни состојки: 
- 100гр бадеми (киснети преку ноќ и излупени) 
- 700-800мл вода 
- 1 банана 
- 1 лажица мед 
- 1 лажица гоџи 

Исто како кога се прави Бадемово Млеко, бадемите прво се блендираат со малку вода, додека да се добие изедначена кремаста смеса и потоа постепено се додава остатокот од водата. Може да се користи и претходно веќе направено бадемово млеко, кое што може да се чува во фрижидер 3-4 дена. Во бадемовото млеко се додава бананата, медот и гоџи бобинките и се блендира се заедно. 

Во блендерот, или отпосле во чашите, може да се додадат и неколку коцки лед. Одличен супер-здрав пијалок! 

* доволно за 3-4 чаши, се припрема за 5 минути. 

П.С. Гоџи можете да најдете во продавничката за јатки, семки и сушени овошја, на влезот од СП Маркет кај пазарчето во Тафталиџе. 1кг чини 800ден, меѓутоа и 100гр се доволни за почеток! :) 

Monday, July 30, 2012

Макало од Индиски Ореви

И јас и моето семејство од секогаш сме сакале макала. Најчесто ги подготвувавме со кисела павлака во комбинација со разни додатоци (сосови, зачини, итн), а за макање користевме соленки (печени стапчиња со сусам). 

Од неодамна ова макало од индиски ореви ни стана омилено! 



Потребни состојки: 
- 250гр индиски ореви (киснети преку ноќ) 
- сок од половина лимон 
- 1 лукче 
- малку хималајска сол
- свежи и/или суви тревки 
- вода (отприлика 100мл, или онолку колку што е потребно да ја добиете посакуваната густина) 

Индиските ореви се блендираат додека да се добие кремаста смеса, со постепено додавање вода (јас додавав по 2 супени лажици додека не ја добив посакуваната смеса). Потоа се додаваат и останатите состојки, и се блендира додека сите вкусови не се измешаат убаво. Се остава малку да отстои во фрижидер, а одлично е и наредниот ден. Се сервира со стапчиња морков, краставица (оваа кмбинација според мене е највкусна!), надолго исечени пиперки или стапчиња целер. Одлична ужинка и за возрасни и за деца! 

* доволно за 2 возрасни/4 деца, се припрема за 10 минути. 

Friday, July 27, 2012

Појадок: Бадеми и Јаболко

Кога немам доволно намирници дома успевам да ги „склопам“ дефинитивно наједноставните, најбрзите и највкусните јадења! Па така и вчера, пред да отидам на пазар, морав да смислам што да ставам во стомак, што ќе ми држи ситост по тезгите и горештините (а да не е лепче на тост со нутела!)... :) 




Потребни состојки (т.е. состојки што ми се најдоа дома): 
  • 100гр бадеми 
  • 1 јаболко 
  • 1 лажица мед 
  • ленено семе 
Бадемите и јаболкото ги изблендирав малку, колку да се раздробат, и ги префрлив во чинии. Одозгора ги попрскав со мед и ленено семе. И толку! Сиромашен, а сепак БОГАТ појадок! 

* доволно за 2 лица, се припрема за 5 минути.  

Monday, July 23, 2012

Чоколадни Колачиња



Додека живеев во Лондон бев „навлечена“ на PG Tips чај и McVitie's Digestives бисквити: за „добро утро“ на работа, за 11 o'clock snack, за afternoon tea time, или по било кој друг „повод“ и во било кое друго време во текот на денот. Тука пијам Earl Grey - и го обожавам! Ама ми недостасуваа бисквитите, и затоа направив нешто за замена - едноставни колачиња кои што не се премногу благу и се ронат во уста, баш како и бисквитите. А згора на тоа се и здрави, и можам да изедам колку сакам без да се замислам дали треба или не! 



Потребни состојки: 
- 200гр ореви 
- 100гр овесни снегулки 
- 3 лажици ленено масло 
- 5 лажици мед 
- 2 лажици вода 
- 2 лажици какао 

Оревите и овесните снегулки се блендираат додека да станат прав. Потоа се додаваат сите други состојки и се блендира додека да се добие посакуваната текстура. Од смесата се прават еднакви топчиња кои потоа се сплескуваат во форма на колачиња. 

Можеби сте приметиле во моите досегашни рецепти дека не користам дехидратор, па така и овие колачиња се „свежи“ т.е. недехидрирани. Доколку сакате, може да пробате и да ги дехидрирате и потоа да го споделите вашето искуство во коментарите подолу. 

Уживајте ги со вашиот омилен чај! 

* доволно за 14 колачиња, се припрема за 20 минути. 

Tuesday, July 17, 2012

Преодни Рецепти: Кускус со Сос од Мешан Зеленчук

И покрај популарното верување, кускусот е тестенина а не житарка. Иако наликува на многу ситен ориз, всушност е направен од гриз и пченично брашно обарено на пареа. Кускусот е една од основните состојки во кујните во Северна Африка и Средниот Исток, но денес се повеќе застапен и во западните земји, па дури и кај нас. Најчесто се приготвува во комбинација со зеленчук или месо, меѓутоа и како додаток во свежи салати. 

Јас го користам во некои од моите преодни рецепти (или таканаречени полу-готвени или полу-живи) и е одличен за оние кои едноставно не можат без тестенини. 


Потребни состојки за Кускусот: 
- 250гр кускус 
- 2 лажици маслиново масло 
- малку хималајска сол 
- 2-3 лажички путер 

Кускусот може да го припремите според упатсвото на пакувањето, или на следниов начин: најпрво зовријте пола литар вода и тргнете ја од шпоретот. Во зовриената вода ставете го кускусот и останатите состојки (освен путерот). Поклопете го со капак и оставете го да отстои  максимум 3 минути. Ова време е доволно кускусот да упие доволно вода и малку да набабри. Доколку има сеуште вода во тенџерето можете да ја исцедите (важно е да не се остави кускусот да стои долго во вода и да упие голема количина вода бидејќи ќе стане леплив и кашест). Додадете го путерот и со вилушка размешајте го низ целата количина кускус, обидувајќи се притоа да ги „растресете“ и одлепите малите зрнца едно од друго. Префрлете го кускусот во сад за сервирање.

Потребни состојки за Сосот: 
- 3 домати 
- 1 краставица 
- 2 пиперки 
- 1 кромид 
- 3 лукчиња 
- 2 лажици маслиново масло 
- сок од пола лимон 
- хималајска сол 
- свежи и/или суви тревки и зачини по желба 

Сите состојки ставете ги во блендер и блендирајте додека да ја добиете посакуваната текстура на сосот. Прелијте го кускусот со вака направениот сос. 

Одозгора може да додадете уште еден ситно исецкан домат, сусам, конопово и ленено семе. 

Уживајте! 

* доволно за 4 лица, се припрема за 20 минути. 

П.С. "Couscous" може да најдете во Тинекс, на полиците со ориз, леќа, грав, итн. Пакуван е во портокалова кутија од 500гр. 

Monday, July 9, 2012

Салата од Спанаќ и Јагоди

Дефинитивно несекојдневна комбинација! 


Потребни состојки: 
- Спанаќ 
- Јагоди 
- Ленено Масло
- Сок од Портокал
- Сончоглед
- Ленено Семе
- Сусам

Количините се одредуваат по желба! 

Sunday, July 8, 2012

Крем од Индиски Ореви и Овошје

Ако некој мисли дека во ваквата исхрана не постои замена за шлаг - омиленото нешто на сите деца и многумина возрасни - сте се излажале! Овој крем од индиски ореви е повкусен и поздрав од било кој друг шлаг... 

 

Потребни состојки: 
- 200гр индиски ореви (киснети 1-2 часа) 
- малку вода по желба 
- 1 лажица мед или јаворов сируп (може но не мора) 
- овошје по избор 

Ќе се изненадите колку брзо омекнуваат индиските ореви кога ќе се стават во вода. Меѓутоа имајте на ум дека доколку ги оставите да киснат повеќе од 2 часа, ќе ја сменат бојата и ќе потемнат (слично како бананата кога е оставена излупена). Киснетите индиски ореви се блендираат со многу малку вода додека да добиете кремаста смеса. Вода може да додавате по желба, доколку сакате да добиете потечна структура. За поблаг крем може да додадете малку мед или јаворов сируп, и да изблендирате уште малку. И толку! 

Кремот може да го комбинирате со овошје по избор, или да го додадете на торта/колач по желба. Уживајте! 

* доволно за 4 порции, се припрема за 10 минути. 

Tuesday, July 3, 2012

Сладолед од Шумско Овошје и Банани

Едноставно, екстра-брзо, идеално за пеколните горештини!


Потребни состојки:
- 250гр шумско овошје (замрзнато)
- 2 банани (замрзнати)
- свежо овошје за декорација

Посебно се блендира шумското овошје, а посебно бананите. За декорација може да се стави свежо овошје по желба.

Комбинациите се неограничени... потребна е само трошка фантазија и неколку капки креативност! :-) 

* доволно за 2 лица, се припрема за 5 минути. 

Monday, July 2, 2012

Овесни Плочки

Во потрага по нешто што ќе ги замени купечките житни плочки (кои што јас и сопругот порано многу често ги конзумиравме, а сега се омилена брза ужинка на нашите синови), успеав да ги искомбинирам овие едноставни овесни плочки - уште еден хит за било која возраст! 


Потребни состојки: 
- 200гр овесни снегулки 
- 10 лажици мед 
- 100гр бадеми 
- 10 урми (покиснати неколку минути) 
- 2 лажици ленено масло 

Овесните снегулки добро се мешаат со медот додека да се добие изедначена смеса. Посебно се блендираат бадемите на ситно, но не во прав туку во ситни крцкави парчиња. Се додаваат урмите и лененото масло, и се блендира додека и оваа смеса се изедначи. Потоа со лажица се мешаат двете смеси заедно, и се формираат правоаголни плочки (или други форми по желба). 

Уживајте, бидејќи не се споредуваат со купечките! 

* доволно за 12 парчиња, се припрема за 20 минути. 

Friday, June 15, 2012

Торта со Двојно Чоколадо

Најновата рецепта на која што повторно и повторно се навраќам и со сласт ја уживам веќе 3 недели по ред... Идеална за оние што едноставно НЕ МОЖАТ БЕЗ ЧОКОЛАДО! :) 


Потребни состојки за Основата: 
- 2 чаши лешници 
- 4 лажици овесни снегулки 
- 15 урми (киснети десетина минути колку да омекнат) 
- 4 лажици ленено масло 
- 2 лажици какао 
- 4 лажици вода 

Најпрво лешниците се блендираат додека да станат прав. Потоа се додаваат останатите состојки и се блендира додека да се добие изедначена смеса. Смесата се става во сад и да постои во замрзнувач додека го припремате филот. 

Потребни состојки за Чоколадниот Фил: 
- 4 урми (киснети десетина минути и излупени) 
- 1 лажица таан 
- 2 лажици какао 
- 1 лажица мед 
- неколку лажици вода (по желба, со зависност каква густина сакате да добиете) 

Чоколадниот фил се премачкува врз основата и, доколку сте трпеливи, вака подготвената торта се остава малку да постои во фрижидер. Ќе се изненадите колку едно мало парче (отприлика колку половина парче од обична торта) ќе ви ја презадоволи потребата за благо и за чоколадо!!  

* доволно за 10 парчиња, се припрема за 30 минути. 

Saturday, June 9, 2012

Овесни Снегулки и Банана

За да ја разбиете монотонијата на безвкусните овесни снегулки, пробајте нешто вакво... 


Потребни состојки: 
- пулпа од 4 портокали и 2 цитрони (претходно исцедени за смути) 
- 4 лажици овесни снегулки 
- 2 лажици мед 
- 1 банана 

Пулпата од цитрусното овошје се меша со овесните снегулки и медот, и се остава малку да отстои за да може овесот да го поприми нивниот вкус. Бананата се сече на парчиња и се става најдолу во садот, а потоа се додава смесата со снегулките. Лесен доручек, или пак брз и едноставен десерт! 

* доволно за 2 лица, се припрема за 10 минути. 

Friday, June 8, 2012

Жолто-Зелено Смути


Потребни состојки: 
- 5 портокали 
- 1 банана 
- 1 јаболко 
- 15 листови спанаќ 

Најпрво исцедете ги портокалите. Изблендирајте половина од исцедениот сок со бананата, и ова жолто смути ставете го во чаши. Изблендирајте го остатокот од исцедениот сок со јаболкото и спанаќот. Со помош на косо поставена лажица веднаш над смутито што е веќе во чашите, полека сипувајте го зеленото смути. Шарите и формите секој пат излегуваат различно! :)  

Уживајте! 

* доволно за 2 лица, се припрема за 15 минути.

Tuesday, June 5, 2012

Кари Бургери

Одлични бургери за обожавателите на кари!


Потребни состојки:
- 0.5 чаша сушени домати (киснети десетина минути во топла вода) 
- 1.5 чаша сончоглед (киснет минимум 2 часа)
- 1 лажица кари во прав 
- 1 лажица маслиново масло 
- 2 лажици конопово семе 
- суви тревки и зачини по желба 
- сусам 

Сите состојки (освен сусамот) се блендираат заедно додека да се добие текстура на смесата по желба. Се прават топчиња кои потоа се сплескуваат како ќофтиња. Готовите бургери се валкаат во сусам. Може да се јадат веднаш или да одстојат извесно време во фрижидер, а вкусот им останува ист и наредниот ден (или неколку дена, доколку издржите толку долго да не ги изедете)! 

Гарнир: бургерите се ставени врз листови од спанаќ, и гарнирани со домати, маслинки и брокула попрскана со Таан Сос (1 лажица таан, сок од половина лимон, 1 мала лажичка мед, и 1 лукче - се се меша заедно и се додава вода по желба, во зависност каква густина сакате да има сосот). 

Уживајте! 

* доволно за 8 бургери, се подготвува за 30 минути.

Saturday, May 26, 2012

Макало од Семки и Зеленчук


Еве нешто што може да се приготвува како главно јадење, во комбинација со салата или зеленчук. Бидејќи содржи разноврсни семки и семиња, многу заситува и е потполна замена за оброк со леб и месо! 



Потребни состојки: 
- 200гр мешавина од бадеми, ореви, семки од тиква, сончоглед и ленено семе 
- 1 црвена пиперка 
- 2 домати 
- 2 лукчиња 
- 1/2 кромид 
- малку сол 

Сите состојки се блендираат заедно додека да се добие изедначена смеса (или текстура по желба, со покрупни парчиња за грицкање).  

Одозгора може да се премачка со Таан Сос (2 лажици таан, сок од 1/2 лимон, 1 лажиче мед, 2 лукчиња, малку вода), или пак истиот сос да се стави како гарнир во чинијата. 

* доволно за 4 лица, се подготвува за 20 минути. 

Wednesday, May 23, 2012

Бесрамна Торта

Оваа торта бара навистина да немаш ни срам, ни перде :) ...и за да ја направиш, и за да ја изедеш! 


Потребни состојки: 
- 100гр бадеми 
- 150гр лешници
- 50гр овесни снегулки 
- 1 лажица ленено масло 
- 2 лажици какао 
- 8 урми 
- 3 лажици сусам 
- 2 лажици брусница 
- мед 
- јаворов сируп 

Бадемите заедно со само 100гр лешници се блендираат заедно додека да станат прав. Овесните снегулки се покиснуваат во вода една минутка, се цедат и се додаваат кај бадемите и лешниците, заедно лененото масло, какаото и урмите. Се блендира се заедно додека да стане еднаква смеса. Потоа се додава сусамот и се размешува со лажица во смесата. 

Вака приготвената смеса се расплескува во сад и се попрскува со малку мед. Одозгора се попрскува со останатите 50гр лешници (претходно изблендирани на покрупни парчиња) и брусницата (ситно исецкана). На крај тортата се попрскува со малку јаворов сируп. 

Најдобро е тортата да постои 2-3 саати во фрижидер пред да се сече... а потоа, уживајте без срам!! 

* доволно за 10 парчиња, се припрема за 30 минути. 

"Coco" Бомбици

Највкусните кокосови бомбици, се припремаат за 10 минути, а се јадат за само 10 секунди!



Потребни состојки:
- 200гр бадеми 
- 1 лажица ленено масло 
- 10 урми 
- кокос во прав 

Бадемите се блендираат додека да станат прав. Потоа се додава маслото и се блендира уште неколку секунди. На крај се додаваат урмите (претходно покиснати во топла вода неколку минутки, колку да омекнат) и се блендира се заедно. Од смесата се формираат топчиња и се валкаат во кокос. 

* доволно за 14 бомбици, се припрема за 15 минути. 

Friday, May 18, 2012

Макало од Семки и Тревки

Сосема случајно забележав дека сум постирала само рецепти за благи јадења - упс! Еве нешто што направив вчера за вечера....


Потребни состојки: 
- 200гр семки од сончоглед и тиква (киснети минимум 2 часа) 
- 1 лажица ленено семе 
- 1 лажица конопово семе 
- 1 лажица сусам 
- свежи или суви тревки (босилек, орегано, и слично) 
- 2 лукчиња 
- 1 лажица таан  
- сок од 1 лимон 
- малку сол 
- 2 лажици оцет 
- 2 лажици ленено и/или маслиново масло 

Сите состојки се блендираат заедно додека да стане изедначена смеса. Доколку сакате да е потечно, може да се додаде вода по желба. Готовото макало може да се сервира со разноврсни зеленчукови стапчиња. 

* доволно за 4 лица, се припрема за 15 минути.

Tuesday, May 15, 2012

Ммм! Brownies

Имам само еден збор да ги опишам: Ммм! (ако тоа воопшто се важи за збор?!?) 


Потребни состојки: 
- 1 чаша бадеми 
- 3 лажици ленено масло 
- 4 лажици мед 
- 6 урми цели и 4 урми ситно исецкани  
- 3 лажици какао 
- 2 лажици маслиново масло 
- цимет 

Најпрво се бледнираат бадемите додека да станат прав. Потоа се додава лененото масло, 2 лажици мед, и 6 цели урми, и се блендира се заедно. 

Во посебен сад се става какаото, маслиновото масло, останатите 2 лажици мед и сецканите урми. Сето ова се меша со лажица и се додава кај првата смеса. Се меша додека да стане еднаква смеса.  

Садот во кој што ќе се моделира смесата треба да се попрска со цимет (и за да не се лепи, и за вкус!). Врз него се става смесата и се расплескува да биде еднаква. Одозгора повторно се попрскува со цимет (убаво и за око, и за вкус). Се става во фрижидер да одстои за да можат сите состојки да се приврзат и да им се спојат вкусовите. Се сече во правоаголни форми, или други форми по желба.... Ммм! 

* доволно за 10-12 парчиња, се припрема за 20 минути. 

Saturday, May 5, 2012

"Nutella" Бомбици

Моите омилени...... 


Потребни состојки:
- 200гр лешници
- 1 лажица ленено масло
- 10 урми 
- 1 лажица таан
- сурово какао

Лешниците се блендираат додека да станат прав. Потоа се додаваат урмите, таанот и маслото, и се блендира се заедно. Од смесата се формираат топчиња. Топчињата се валкаат во сурово какао. Може да се јадат веднаш, но уште повкусни се кога ќе отстојат во фрижидер барем еден час.

* доволно за 14 бомбици, се припрема за 15 минути.